Шкупи и Работнички на „мегдан“ за опстанок на европскиот сон!

По серијата играчки засилувања кои ги реализираа во зимскиот трансфер период, Шкупи и Работнички денеска од 14 часот на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари во меѓусебен мегдан кој може да значи за една од двете екипи сериозен опстанок на сонот за излез на европската сцена следната сезона.

По одличниот старт на пролетта со победата над Академија Пандев, Шкупи во претходни две кола освои само бод па сега сигурно посакува триумф против „романтичарите“…

„Не чека важен натпревар во трката за третата позиција на табелата. Свесни сме дека првенството е квалитетно со израмнети екипи. Максимално го почитуваме Работнички, но за нас единствено во мислите е победа од овој натпревар. Изминатиов период имавме доста повредени фудбалери, а новите засилувања се уште се адаптираат на средината. Па, мислам дека сега ќе следат вистинските изданија на Шкупи“ – вели Бесарт Кривањева.

Офанзивецот на Работнички, Виктор Ангелов, пак, во победата против Вардар го постигна својот прв гол во црвениот дрес. Сега е оптимиските расположен дека тимот од Дебар маало може да дојде до нов квалитетен натпревар и против Шкупи.

„Одигравме одличен натпревар против Вардар и ја забележавме првата пролетна победа. Сега размислуваме позитивно и за следниот дуел против Шкупи и мислам дека можеме да славиме, доколку повториме едно такво квалитетно издание какво што прикажавме против Вардар. Ќе биде тежок натпревар, можеби и временските услови и теренот ќе создадат и дополнителни тешкотии, но ние сме подготвени и максимално мотивирани за да оствариме нов позитивен резултат“ – вели Виктор Ангелов.

 

Се вчитува...