„Штркчињата“ и Црн Дрим во поход кон премиерната победа во Првата лига

Во рамките на 3.коло од Првата лига силите ќе си ги одмерат МЗТ Скопје Уни Банка и Црн Дрим, два млади тима кои се уште чекаат на првата победа меѓу „елитата“, а само еден тим ќе се радува на двата бода. Младинскиот состав на МЗТ Скопје е нешто поискусен од стружани, ова му е втора сезона меѓу најдобрите екипи, а „штркчињата“ од натпревар во натпревар играат се подобро.

“Јас како капитен секогаш имам големи очекувања, но и верувам во мојот тим. Претходните два натпревари ги загубивме со 4 разлика, бевме многу блиску до прва победа, така што сите сме желни како и секогаш досега, да го добиеме следниот меч. Ние сме најмлада екипа во лигата, но тоа не ни претставува проблем да се стремиме кон победа на секој натпревар, па така и на овој против Црн Дрим. Утре ја очекувам таа толку посакувана прва победа” – изјави Дарио Митевски.

Тимот на Петар Чочороски одигра само еден натпревар оваа сезона, а притоа немаше ни многу време за консолидирање по поразот од ТФТ на домашен терен, но сега пред Црн Дрим е одлична шанса за првите два бода.

„Играме со МЗТ2 и мислам дека се работи за две слични екипи, составени пред се од млади играчи кои допрва треба да го осетат играњето во Првата лига. Тој данок на неискуство го плативме минатото коло, а младиот тим на МЗТ и во двете кола. Мислам дека ќе биде израмнет натпревар и ќе решаваат нијанси“ – изјави за ЕКИПА, тренерот на новиот прволигаш.

Натпреварот помеѓу најмладите екипи во првенството ќе биде одигран во „Јане Сандански“ со почеток од 18 часот.

Се вчитува...