Силекс ги „закла“ јагнињата на Вардар, Шкупи се спаси од пораз против Работнички

Младинскиот состав на Вардар, засилен со голманот Алексовски, како и новите засилувања Попзлатанов и Цветановски, го загуби со 2-3 натпреварот против Силекс на арената „Филип Втори“. Откако раководството на клубот, поради бојкот, одлучи да ги пушти „јагнињата“ на терен, Силекс не го одби подарокот и ги „закла“, за можеби круцијални три бода во битката за излез на европската сцена.

Шкупи во завршницата од мечот успеа да спаси бод против Работнички, играјќи 1-1, со што и двата тима продолжуваат да се надеваат дека ќе го стигнат Силекс на таа трета позиција на табелата. Пелистер ремизираше без голови Скопје под „Тумбе кафе“, а по еден бод поделија и Академија Пандев и Ренова.

Вардар со речиси младински тим прв поведе против Силекс уште во втората минута. Јован Попзлатанов испрати еден слаб удар, но голманот на Силекс реагираше уште послабо, па топката заврши во неговата мрежа. Сепак, младите фудбалери на Вардар, иако се трудеа, не можеа да им парираат на гостите од Кратово.

Глигор Глигоров во 21.минута го израмни резултатот, а Филип Тимов во 35.минута направи целосен пресврт на овој мел. Пред самиот крај на првиот дел Фитор Реџепи си постигна автогол за 1-3, по што мечот беше решен. Во вториот дел, кратовци имаа чувство за „подарокот“ од Вардар, не форсираа, а Јован Попзлатанов во 83.минута со својот втор погодок намали на конечни 2-3.

Шкупи се спаси од пораз против Работнички (1-1) во последните моменти од мечот. Кире Маркоски го постигна водечкиот гол за „романтичарите“ во 68.минута, откако одлично реагираше на нафрлувањето од десната страна, ја смири топката и ја смести зад грбот на Суад Зендели. Претходно, во 62.минута, голманот на Работнички, Ристо Јанков, успеа да одбрани пенал. Тој со одлична интервенција ја сочува мрежата, бранејќи го ударот на Муарем Бајрами. Но, Шкупи не се предаде и израмни во 90.минута. Јашароски шутираше од 20 метри, Јанков ја одби топката, таа дојде до Бунјамин Шабани, кој со шут од десетина метри погоди на вистинското место.

Академија Пандев одигра 1-1 против Ренова. Зоран Балдовалиев во 24.минута донесе водство за струмичкиот тим од пенал, а Арџент Гафури со прекрасен погодок од 25 метри израмни пред самиот крај на првото полувреме.

Пелистер и Скопје ремизираа без голови во Битола. „Зелените“ беа подобар противник, но гостите успеаја да ја сочуваат мрежата до самиот крај.

ПРВА ЛИГА, 22.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – СИЛЕКС 2-3

ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 1-1

ПЕЛИСТЕР – СКОПЈЕ 0-0

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РЕНОВА 1-1

ВЧЕРА: ШКЕНДИЈА – ПОБЕДА 3-0

Табела: Шкендија 56, Вардар 42, Силекс 35 (-2), Работнички 28, Шкупи 28, Академија Пандев 27, Ренова 22, Пелистер 21 (-1), Победа 21, Скопје 13 (-1).

Се вчитува...