„Сино-белите“ не го даваат домашниот терен – Гостивар го „торпедираше“ ТФТ со 15 тројки

Гостивар стигна до многу значајна победа во 5. коло од Суперлигата откако на домашен терен славеше над ТФТ со 92-85. Гостиварци одиграа одлична втора четвртина во која го „торпедираа“ противникот со реализација зад линијата 6,75, а стекнатата предност ја одржаа до самиот крај. ТФТ имаше шанса да приреди неизвесна завршница кога во последните десет минути стигна до само „минус“ 4, но немаше сили за сензационален пресврт.

Натпреварот започна во изедначено темпо на двете страни од теренот, а и покрај тоа што Гостивар поведе со 16-10 на крилја на Ефремовски, ТФТ ја зацврсти одбраната, не дозволи поени во следните четири минути, а преку американското трио Хортон-Смит-Морган поведе со 16-19 по 10. минути игра. Постот на „сино-белите“ веднаш беше прекинат на отварањето на втората четвртина во која гостиварци одговорија со арсеналот зад линијата 6,75 па со седум тројки во вторите десет минути домаќините поведоа со 49-40 на полувремето.

Добриот ритам на Гостивар продолжи и на отварањето на второто полувреме во кое беше забележана и првата двоцифрена предност (54-44). ТФТ долго се обидуваше да ја намали негативата, но нападот не функционираше најдобро. Гостите се мачеа да влезат со серија, а тоа го искористија домаќините кои во завршницата на третата четвртина ја зголемија предност на 73-60. „Сино-белите“ продолжија со добрата игра во нападот и стигна до највисоката предност од +16 (80-64) на отварањето на последната четвртина, но не успеа да го задржат ритамот. Избраниците на Димитриевски влегоа во проблеми во нападот, а петте изгубени топки знаеше да ги искористи ТФТ преку Ташовски, Смит и Хортон, во серија влезе и Костоски па „црно-белите“ експресно намалија на 80-76, но немаа сили за целосен камбек. По тајм-аутот домаќините ја вратија сигурноста во нападот и двоцифрената предност за мирен финиш на мечот.

Центрите Силаџи и Тодоровиќ беа лидери на Гостивар со по 17 поени, додека нив ги следеше Ефремовски со 15 поени и 5 скока. 20 поени и 7 скока за ТФТ постигна Амир Смит, додека 15 поени, 5 асистенции и 4 скока додаде Костоски.

Се вчитува...