Последниот натпревар од 9. коло во Првата кошаркарска лига ќе биде одигран во Куманово каде истоимениот домашен состав ќе се обиде да ја прекине серијата на порази против ривалот МЗТ Скопје, која брои шест во низа, или само една победа во последните десет средби.
Куманово се мачи да најде стабилност во новата сезона, големиот број на натпревари во кус период, но и повредите на неколку клучни играчи се вистински пех за „сино-белите“, меѓутоа избраниците на Мирковски на крилјата на победата над Академик Пловдив во БИБЛ-лигата ќе се обидат да слават и на денешниот дерби дуел.
„Последните две недели имавме пеколен распоред, а натпреварот портив МЗТ Скопје ќе ни биде веќе трет дуел во пет дена. По победата над Академик видовме колку повеќе можеме од тоа што го прикажавме во досегашниот дел од двете првенства. Се чувствува заморот во екипата, но видлив е и напредокот во играта. Овој натпревар е огромен предизвик за секој член на Куманово, ќе излеземе на терен да изиграме со сите сили за да го одбраниме домашниот терен“ – вели бекот на Куманово, Дамјан Робев.
Во подобра ситуација не е ниту МЗТ Скопје кој од почетокот на сезоната игра без своите високи играчи. Аеродромци се справија со коронавирусот во своите редови, а полека фаќаат натпреварувачки ритам. Поразот од Еуро Никел во последното коло е веќе заборавен, а погледите се насочени кон враќање на победите и дуелот против Куманово.
„Последниве неколку дена конечно можевме скоро цела екипа заедно да направиме неколку тренинзи и полека го фаќаме ритамот во кој што сакаме да бидеме. Не очекува тешок натпревар против Куманово кој е добар тим, има искусни играчи и знае како се игра. За да славиме денеска потребно е да бидеме агресивни и не им дозволиме да го играат она што го сакаат од првата минута“ – изјави Кристијан Николов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА