Скопје домаќин на последниот турнир од „Јадранската лига – Лига Куп“ во билијард!

Откако во декември нашиот главен град беше домаќин на силниот меѓународен снукер турнир „Скопје Опен“, последниот викенд во април носи нова возбуда за љубителите на билијардот, бидејќи ќе се игра еден од најбројните турнири што е некогаш одржан кај нас! Станува збор за последниот турнир во календарот од таканаречената „јадранска лига“ која е со официјално име „Лига Куп 2017/18“, при што закажани се шест вакви изданија на простот од поранешна Југославија, и тоа во Чачак, Сараево, Подгорица, Загреб, Љубљана и Скопје.

На секој од нив има по 96 играчи кои согласно пласманот собираат поени. На крајот, најдобрите 32 ќе настапат на Мастерс турнирот, своевидно финале што оваа година ќе се игра во Црна Гора, па тоа става специфична тежина на турнирот во Скопје. Оваа серија турнири е позната по најбогатиот награден фонд за билијард, со штосе дава уште поголема тежина на истиот.

Домаќин на натпреварот е „Гран Клуб“ од Скопје, па на 28 и 29 април се очекува елитата од најпознатите играчи кои се репер за квалитет во јадранскиот регион да бидат видени од нашите ентузијасти.

Меѓу славните имиња се Зоран Свилар од Србија (вице-европски шампион), Сањин Пехливановиќ од Босна (светски јуниорски шампион), како и Андреја Класовиќ, Мартин Мартиновиќ, Милош Веркиќ и други, заедно со најдобрите 30 македонски играчи предводени од Дејан Сипковски и Трајче Дончевски.

Сите мечеви ќе бидат возможни за следење од страна на публиката, како во „Гран Клуб“, така и преку Интернет, на сајтот www.billiardon.com . Мечевите ќе бидат организирани според највисоките стандарди на EPBF, со судија на секој меч.

Се вчитува...