Смилковски: Горди на првата победа на ТФТ, одиме понатаму

Стратегот на ТФТ, Боро Смилковски, не го криеше задоволството по триумфот на неговиот тим на гостувањето против Црн Дрим, премиерна прволигашка победа на ТФТ во клупската историја.

„Горди сме на оваа победа победа, прва за нас во елитното друштво. Кај нашиот ривал се забележуваше недостигот од официјален натпревар. Ние веќе имаме два одиграни мечеви и знаевме во која насока сакаме да се движеме. Дуелот го отворивме маестрално, искористувајќи ја предноста од натпреварувачкиот ритам. Сепак, стружани се консолидираа, успеаја да не стигнат и да го преземат кормилото до крајот на првото полувреме. Во третата четвртина ја сменивме тактиката во одбрана и ја игравме нашата препознатлива зонска одбрана која ни донесе лесни поени на спротивната страна. Од поискусните кошаркари побарав да ја смират играта и да внесат стабилизација во екипата. Успеавме во сето тоа и на крај мислам дека заслужено победивме. Ние сме млада екипа, составена од македонски и странски млади кошаркари кои речиси и никогаш да не играле во Првата лига. Имаме 2-3 тројца поискусни кошаркари, кои како што споменав се патоказ за младите кошаркари“, изјави Смилковски.

ТФТ во третото коло викендов требаше да го пречека Пелистер, но овој дуел нема да се одигра бидејќи битолчани неодамна излегоа од карантин и ќе им биде потребно кратко време за тренажен процес пред да почнат со натпревари во Првата лига.

Се вчитува...