Со европскиот триатлон куп Охрид покажа дека е светски град

Европската Триатлон Унија (ЕТУ) додели признание за тимот на Асоцијацијата на спортови, локалниот технички организатор, за поддршката во одличната организација на Европскиот јуниорски триатлон КУП Охрид 2019 кој изминатиов викенд се одржа во Охрид.

„Полагањето на високиот тест од страна на ЕТУ за организација на еден од најкомплексните спортови за организација, во град и држава со постоечка традиција, искуство и професионализам, на датум кој најмалку нас ни одговараше (ЕТУ предизвик за нашиот капацитет), на временски услови и тоа како тешки за работа, претставува големо признание, мотив за да продолжиме да се искачуваме на патот на спортско-европски Охрид со сите предизвици кои ги имаме и ќе ги имаме. Благодарам на European Triathlon Union, Macedonian Triathlon Federation/Македонска Триатлон Федерација за довербата и укажаната можност Охрид и ние да изградиме уште едно искуство големо колку планина кое ќе придонесе уште поголема афирмација и промоција на Охрид и комплетен бенефит за сите нас кои се уште живееме и сакаме да живееме во Охрид“ – вели Иван Цветкоски од Асоцијацијата на спортови.

Цветкоски е презадоволен и од начинот на кој волонтерите максимално се вклучија за што подобра организација на настанот, и на тој начин издвојувајќи го Охрид како светски град кој сите негови граѓани така треба и да го доживуваат.

„За нас, Охрид е светски град и како таков така треба и да се доживува и однесува во него, големите спортски, културни, музички, политички настани биле, се и ќе се дел од Охрид и нас. Охрид мора да биде дел од големи настани, Охрид мора да го менува имиџот, Охрид мора да ја подобрува комуникацијата, разбирањето, почитта, културата зошто е за наше добро ако не и тие што сме лека полека ќе не нема“ – вели Цветкоски.

Се вчитува...