Соборени сите можни рекорди: Премиерлигашите потрошија 3,1 МИЛИЈАРДИ ФУНТИ!

Клубовите од англиската Премиерлига ги срушија сите досегашни рекорди кога станува збор за трошење во летниот преоден рок оваа година.

Вкупно беа потрошени 3,087 милијарди фунти, дополнително зацврстувајќи го статусот на Премиерлигата како најдоминантен фудбалски пазар во светот.

Најголемиот трансфер склучен на самиот крај од рокот беше трансферот на Александар Исак од Њукасл во Ливерпул за 125 милиони фунти, што претставува нов рекорд кога станува збор за трансфери меѓу британските клубови.

Овој трансфер, заедно со неколку други доцна потврдени зделки, ја зголеми вкупната бројка на трошење над симболичната граница од три милијарди.

Освен Исак, вниманието го привлекоа и доаѓањата на Јоане Виза во Њукасл (55 милиони), како и бразилскиот крилен напаѓач Кевин во Фулам, во трансфер вреден 34,6 милиони фунти – што е клупски рекорд.

Манчестер Јунајтед го донесе белгискиот голман Сене Ламенс за 18,1 милиони фунти, додека Астон Вила и Тотенхем беа активни на пазарот за позајмици.

Ливерпул беа најголемите трошачи во преодниот рок, со вкупна инвестиција од 415 милиони фунти, со што го срушија претходниот рекорд поставен од Челзи во 2023 година (400 милиони фунти).

Освен Исак, клубот од Енфилд ги донесе и Флоријан Вирц (116 милиони), Уго Екитике (79 милиони), Џереми Фримпонг (29,5 милиони), голманот Ѓорѓи Мамардашвили (29 милиони) и младиот Џовани Леони (26 милиони).

ЕВРОПСКИТЕ ЛИГИ СО ОГРОМНИ ДОБИВКИ

Бундеслигата, Ла Лига, Лига 1 и Серија А заедно регистрираа над 400 милиони фунти нето добивка, главно благодарение на продажбата на играчи во Англија.

Експертите предупредуваат дека европските „пет лиги“ се повеќе се сведуваат на развојни лиги кои ја хранат Премиерлигата.

„Премиер лигата станува толку доминантна што повеќе не можеме да ја споредуваме со другите“, вели Пол Мекдоналд.

Интересно е што трите новопромовирани клуба – Сандерленд, Барнли и Лидс – беа исклучително активни на пазарот, решени да избегнат брзо испаѓање.

Сандерленд, кој се врати во елитата по осум години, потроши 162 милиони фунти, повеќе дури и од шампионите Манчестер Сити (152 милиони).

„Изненаден сум колку потроши Сандерленд, но си дадоа сериозна шанса да останат“, рече поранешниот напаѓач на Премиерлигата, Крис Сатон.

Се вчитува...