Софија Кенин – нова кралица на „Австралија Опен“

Софија Кенин приреди вистинска сензација на Австралија Опен, откако во денешното финале славеше над Гарбине Мугуруза и се закити со трофејот на првиот гранслем турнир за 2020 година. Оваа 21-годишна Американка допатува во Мелбурн како 14. носителка на турнирот, никогаш досега немаше пласман ниту во четвртфиналето на некој гранслем, но со извонредни настапи во овие две седмици заслужено се искачи на врвот.

Мугуруза беше подобра во првиот сет, Кенин се врати и израмни на 4-4, но потоа шпанската тенисерка доби два гејма во низа и заслужено поведе со 1-0 во сетови. Сепак, натамошниот дел од мечот мина во знакот на младата Американка, која одигра најдобро во моментите кога беше најважно. Кенин доминираше во вториот сет, славејќи со 6-2, а потоа блесна кога беше најтешко во решавачкиот сет.

Имено, при резултат 2-2 Мугуруза имаше 0-40 при сервисот на Американката, но Кенин со одлична игра успеа да се врати, да поведе со 3-2, а потоа и да ги земе и следните три гејма за конечна победа од 2-1 во сетови.

Само за потсетување, Софија Кенин во полуфиналето ја елиминираше првата носителка Ешли Барти. Со оваа титула, американската тенисерка ќе скокне на седмото место на ВТА-листата.

Се вчитува...