Соуса го менува Ди Франческо на клупата на Рома?

Рома ја прекина серијата слаби резултати со минималната победа над Џенова, но слабата игра на „волчицата“ беше причина тренерот Еузебио ди Франческо повторно да биде поздравен со свирежи од трибините. Пораката е јасна, навивачите воопшто не се задоволни од играта што ја прикажува нивниот тим, а се повеќе нивниот став го делат и највисоките членови на клупската управа.

Одлуката за разделба од тренерот е веќе донесена и истата ќе биде официјализирана најдоцна до крајот на годинава, а веќе е избран и наследникот на Ди Франческо. Како што јавуваат италијанските медиуми, тоа ќе биде Пауло Соуса, кој веќе ги договорил и условите за соработка со „римската волчица“. Од неколкуте кандидати единствено Соуса прифатил да потпише договор на шест месеци, со клаузула за автоматско продолжување за уште една сезона доколку Рома обезбеди учество во ЛШ за наредната сезона.

За португалскиот стратег ова ќе биде враќање назад во „Серија А“, каде имаше успешна авантура како тренер на Фиорентина. Последниот ангажман на Соуса беше во кинескиот суперлигаш Тианџин, од каде доби отказ пред повеќе од еден месец.

Се вчитува...