Србиновски: Време е за прва победа на Гостивар

Гостивар по извонредната ланска сезона разочарувачки го почна новиот шампионат, губејќи на првите две пресметки против Академија ФМП и Работнички. „Сино-белите“ и годинава имаат силен ростер, а дуелот со Еуро Никел (18 часот) е одлична можност за рехабилитација по почетните порази и прва радост за тимот на Марјан Србиновски.

„Паузата дефинитивно остави силна трага врз нас. Се мачиме да влеземе во ритамот по кој бевме препознатливи, трениравме, се подготвувавме, па стартот на сезоната двапати се одлагаше, што се одрази и врз нашата форма. Главен проблем ни е физичката неподготвеност, но од ден на ден се повеќе напредуваме и очекувам да влеземе во посакуваниот ритам. Знаеме како треба да играме, како во последните 15 минути од дуелот со Работнички, кога ни функционираа и нападот и одбраната. Очекувам константно добро издание против Еуро Никел и прва победа за нашиот тим“, истакнува Србиновски во пресрет на денешниот дуел.

Поранешниот македонски селектор е свесен дека гостиварци нема да имаат нималку лесна задача бидејќи противникот игра одлична кошарка и веќе прокнижи две победи од стартот на сезоната.

„Тоа е квалитетен тим кој има добри искусни играчи и добро е покриен на секоја позиција. Летово доведоа квалитетни засилувања и знаеме дека нема да ни биде нималку лесно, но верувам во своите играчи и очекувам добро издание и триумф на Гостивар“, оптимист е Марјан Србиновски.

Се вчитува...