Србљак и Деари елиминирани на фјучрсот во Србија

Двајцата македонски тенисери Горазд Србљак и  Шендрит Деари го завршија настапот на ИТФ фјучрсот М15 Курпумлијска Бања во Србија. Тие денеска во мечевите од првото коло загубија. Двајцата играа против двајца носители. Горазд Србљак по голема борба во првиот сет го загуби мечот со петтиот носител Саба Пурцеладзе од Грузија со 2-0 во сетови (7-6(2) 6-3) за два часа и шест минути игра. Србљак поведе во мечот со 4-:0 во првиот сет, но потоа следуваа пет гема во низа за Пурцеладзе, кој поведе со 5-4, но Србљак повторно беше во водство со 6-5. Сепак тај-брејкот му припадна на грузискиот тенисер со 7-2 на поени. Во вториот сет беше 6-3 за Пурцеладзе, кој клучниот брејк го направи за водство од 4-2 во сетот.

Шендрит Деари беше поразен од Душан Обрадовиќ од Србија, осми носител со 2-0 во сетови (6-2 6-3) за еден час и 16 минути игра. Во првиот сет Обрадовиќ поведе со 3-0 во гемови, што беше решавачко за првиот сет што го доби со 6-2, додека во вториот сет по 2-2 на стартот од сетот Обрадовиќ стигна до 6-3.

Деари од утре (четврток) ќе биде дел од подготовките на македонската дејвис куп репрезентација за претстојните мечеви во Улцињ во рамките на Третата Европска зона од ова натпреварување.

Се вчитува...