„Стотка“ на Пелистер за убедлив триумф над Еуро Никел

Пелистер на домашен терен лесно и убедливо славеше над Еуро Никел со резултат 100-83, за бодови со кои битолчани се задржуваат на првото место на суперлигашката табела. Гостите немаа штода бараат во салата „Боро Чурлевски“, во која „пелистерци“ одиграа супериорно прво полувреме и лесно стигнаа до посакуваните бодови.

Малешевиќ и Стајиќ погодија тројки во првите две минути, Пелистер набрзина поведе со 7-0 и ја најави својата доминација на овој натпревар. Битолчани делуваа беспрекорно во првата четвртина, во која реализираа шест тројки од исто толку обиди, додека гостите се мачеа да влезат во ритам, па првите десет минути игра завршија со водство на „пелистерци“ од преубедливи 33-18. Кавадарчани не можеа да се одбранат онака како што посакуваше тренерот Самарџиев, гостите влегоа и вопроблеми со лични грешки, а Пелистер знаеше како да го казни тоа. Домашните кошаркари доминираа и во втората четвртина, во која ја искачија предноста и на 20 поени разлика, а за одбележување е одличното прво полувреме што го одигра Пајиќ, кој постигна 11 поени за девет минути минати на теренот.

На одмор се замина со убедливи 57-36 за домаќините, а второто полувреме почна исто како и првото, со две тројки на Пелистер (преку Кесар и Караџовски), за јасна порака до гостите да не се надеваат на резултатски камбек на овој натпревар. Избраниците на Марјан Илиевски знаеја како да ја задржат убедлива предност, која во голем дел од третата четвртина се движеше над дваесет поени, за Лука Стојановски од линијата за слободни фрлања да ја намали на 19 на самиот крај од овој период од мечот (78-59).

Еуро Никел нешто подобро го стартуваше последниот дел од натпреварот, но штом разликата се спушти на 15 (88-73) домашниот тренер Илиевски веднаш побара тајмаут. Караколев влезе во серија и ја спушти негативата на кавадарчани на „минус десет“(90-80). Тоа беше се што гостите успеаја да сторат, Пелистер се разбуди во вистински момент, ја стабилизираше играта и не дозволи да се влезе во неизвесна завршница, за конечни 100-83.

Кесар беше најефикасен со 23 поени во победничкиот тим, Пајиќ го заврши мечот со 16 поени, додека Малешевиќ реализираше 14 поени, пет скока и три асистенции. Најзабележителни во таборот на Еуро Никел беа Караколев и Димчевски со по 13 поени.

Се вчитува...