ТФТ без проблеми против десеткуваниот Феникс 2010

ТФТ им се врати на победите во Суперлигата откако во 4. коло славеше против Феникс 2010 со 85-74. Новалијата на овој натпревар настапи без повредените Трајковски и Митревски, а остана и без услугите на Вилијамс кој се повреди во текот на првата четртина, а тоа знаеја да го искористат домаќините кои рано стигнаа до висока предноста, а истата ја задржаа до самиот крај за важна победа во битката за плеј-оф.

ТФТ ги искористи промашените обиди на Феникс на отварањето на средбата за лесни поени во транзиција па поведе со 11-4. По тајм-аутот на новајлијата успеа да го спречи овој сегмент од играта, но не успеа да го наметне своето темпо во нападот па „црно-белите“ ја задржаа предноста по 10. минути игра (19-10). Гостите успеаја да го најдат напаѓачкиот ритам во втората четвртина, стигнаа до поени во рекетот на ТФТ, но не успеаја да влезат во серија за намалување на предноста. Домаќините го задржаа задржа ритамот во нападот, а благодарение на добрата завршница на првото полувреме стигнаа до предност од 48-32.

Отварањето на второто полувреме не донесе промени на паркетот. Подолгата клупа на ТФТ продолжи да биде фактор на натпреварот, а домаќините кои беа и расположени во реализацијата продолжија да ја зголемуваат предноста за 73-48 по 30. минути игра. Феникс успеа да го возврати ударот во последната четвртина во која благодарение на добриот напад успеа да стигне до негатива од десет поени (81-71), но не ја искористи шансата за сведување на истата на едноцифрена, а тоа знаеја да го искористат домаќините кои погодија во следните два напада и не дозволија неизвесна завршница.

Со 18 поени и 16 скока Двејн Морган беше првото име кај ТФТ, додека него го следеа Хортон со 13 поени, Ташовски со 12 поени и 6 асистенции и Маслинко со 11 поени и 5 скока. Како двоцифрен со 10 поени и 6 скока мечот го заврши Сапунџиев. Павле Михајлоски беше лидер на Феникс 2010 со 17 поени и 6 скока, 16 поени и 9 скока додаде Хот, 15 поени и 4 асистенции додаде Петков, додека со 14 поени, 6 скока и 3 асистенции мечот го заврши Стојановски.

Се вчитува...