ТФТ му го зема скалпот на МЗТ Скопје

ТФТ успеа уште еднаш да го одбрани домашниот терен од МЗТ Скопје откако во 1. коло од Суперлигата славеше со 73-69. Аеродромци одлично го отворија натпреварот, рано стигнаа и до двоцифрена предност, но не успеаја да ја задржат истата. ТФТ навремено одговори со реализација зад линијата 6,75, го сопреа нападот на аеродромци во второто полувреме и сосема заслужено стигнаа до голема победа.

Отварањето на натпреварот беше целосно во знакот на МЗТ Скопје кој успеа да го наметне своето темпо во нападот, а одигра одлично и во одбраната. Аеродромци најдоа продор во рекетот, погодија и за три поени, а на спротивната страна ТФТ не го служеше шутот зад линијата 6,75 па резултатот гасеше 5-15. По тајмаутот на домаќините Бишоп одговори со две тројки, но не опадна ни ритамот на гостите па по 10. минути игра остана двоцифрената предност (11-22). Мечот продолжи во исто темпо и на отварањето на втората четвртина во која во елемент влезе капитенот Стојановски па аеродромци ја зголемија и предноста (19-31), но како одминуваа минутите ТФТ успеа да ја зацврсти одбраната, а со тоа стигна и казната. Костовски и Хортон погодија важни обиди за три по добра одбрана на “сино-белите” па негативата до полувремето ја сведоа на едноцифрена (34-40).

Мекиќ со тројка на почетокот на второто полувреме ја врати двоцифрената предност за гостите, но веднаш следеше одговор од ТФТ. Избраниците на Смилковски одиграа одлично во одбраната каде го затворија рекетот, влегоа и во ритам за три поени па веднаш ја вратија резултатската неизвеност (50-50), а продолжи во добар ритам и до крајот на третата четвртина до која стигнаа до предност од 58-53.Сепак четвртата лична грешка на Хортон наговести проблеми во нападот на ТФТ, а тоа знаеше да го искористи МЗТ Скопје кој ја крена агресивноста во одбраната, одигра и течно во нападот па поведе со 64-60, но пропушти неколку шанси за поголема предност. Со враќањето на Хортон во игра се врати и ТФТ. Американецот изнуди 2+1, потоа беше сигурен и од линијата за слободни фралња па „црно-белите“ ја вратија предност (65-64), а продолжија во добар ритам до крајот за голема победа.

Ландриус Хортон со 17 поени и 7 скока беше лидер на ТФТ, додека него го следеше Бишоп со 13 поени. Кај МЗТ Скопје се истакна Адем Мекиќ со 14 поени, додека како двоцифрени со по 11, односно 10 поени мечот го завршија Дамјан Стојановски и Милошевиќ. Македонецот додаде и 7 скока и 3 украдени топки, а Србинот 6 скока и 3 украдени топки.

 

Се вчитува...