Трајковски: Внучињата машки изгинаа, секоја чест од прв до последен

Феникс 2010 припреди уште една сензационална победа во македонската кошарка откако во 5. коло од Суперлигата на домашен терен славеше против Еуро Никел. Тренерот Дервишевиќ за мечот против вицешампионот не можеше да смета на услугите на најискусниот во составот Бојан Трајковски, но со група млади македонски играчи одигра фантастично во одбраната, го заштити рекетот против центрите на Самарџиев и сосема заслужено славеше победа.

Трајковски не можеше да им помогне на соиграчите на теренот, но ја даде својата поддршка од клупата, а не го криеше задоволството од победата и по завршувањето на натпреварот.

„Внучињата машки изгинаа, секоја чест од прв до последен. Андреј, Марин, Боре, Амар, Павле, Мики, Кацар, Величко… и покрај тоа што се млади покажаа храброст и се изборија против еден од најдобрите тимови во првенството. Нашата кошарка оддамна немала ваква генерација, ваков тим и навистина е чест да се биде дел од него, а поготово да ја имам таа ‘менторска’ улога. Ако продолжат вака, а и дадат повеќе на тренинг можат да стигнат далеку“, изјави за ЕКИПА, Бојан Трајковски.

Во следниот натпревар Феникс 2010 гостува кај лидерот на табелата Пелистер, тим кој прв го совлада во првенството, а за него се очекува и враќањето на Трајковски.

Се вчитува...