Тренчовски со понуда за професионален ангажман во Мјанмар

Еден од најдобрите македонски тренери, Југослав Тренчовски е пред можност за старт на интернационална кариера. Тренчовски е пред можност за професионален ангажман во Мјанмар, по понудите од двата најдобри клуба од оваа азиска држава.

Носителот на проектот „Академија Пандев“, кој изминативе десет години беше синоним за функционирањето на струмичкиот прволигаш, по завршувањето на соработката со „пандевци“ сега е желба на шампионот на Мјанмар, Шан јунајтед. Паралелно со тоа и понудата да ја преземе и функцијата технички директор во Фудбалската федерација на Мјанмар. Отворена понуда постои и од Ајевади јунајтед, клубот кој минатата сезона во Мјанмар заврши на третата позиција.

Се очекува до крајот на актуелниов месец да биде донесена одлуката околу идната професионална кариера на Тренчовски, иако во оптек се и опции за останување во македонскиот фудбал.

44-годишниот Тренчовски, прогласен од ФФМ за најдобар македонски тренер за 2019 година, токму во 2019 го донесе трофејот во Купот на Македонија за Академија Пандев. Претходно, во својата кариера беше тренер и на Беласица и Хоризонт Турново, како и селектор на македонската репрезентација за фудбалери до 19 години.

Се вчитува...