Три адути на ПСЖ во трката по Меси

Изјавата на Нејмар по дуелот во Манчестер, кога Бразилецот напомена дека очекува во следната сезона повторно за соиграч да го има Лионел Меси одекна како бомба во фудбалската јавност. Аргентинецот се наоѓа на излезна врата, досега Манчестер Сити се споменуваше како огромен фаворит за негов ангажман, но кога ПСЖ ќе се вклучи во трката со својата финаниска моќ јасно е дека „граѓаните“ добиваат многу сериозен ривал.

Каталонскиот весник „Ел Мундо Депортиво“ објави листа со причини кои можат да придонесат Меси да го избере токму францускиот првак наместо екс-шампионот на Англија за своја следна дестинација во кариерата.

Број еден – тука се парите кои Насер ал Келаифи никогаш не ги жали за да ги исполни своите желби да го собере најдоброто од светскиот фудбал во Париз. Манчестер Сити исто така е пребогат клуб, но првиот човек на „светците“ сигурно ќе понуди повисока сума од она што Меси ќе го добие како понуда од Манчестер. Впрочем, ПСЖ ќе има дополнителен буџет на располагање по најавеното заминување на Мбапе, а голем дел од овие пари ќе бидат потрошени токму да се убеди Аргентинецот да се пресели на „Паркот на принцовите“.

Број два – пријателите што би ги имал во играчкиот кадар во ПСЖ. Меси и Нејмар соработуваа беспрекорно во Барса, сега би се нашле еден крај друг и во францускиот шампион. Згора на тоа, тука е и сонародникот Анхел ди Марија, кој му е еден од најдобрите пријатели во аргентинскиот национален тим, исто како и Паредес, уште еден играч со кого има добар однос во таборот на „гаучосите“.

Број три – Манчестер Сити и ПСЖ му нудат моќни тимови, но во дресот на „светците“ Меси би имал загарантирано освоени трофеи на домашната сцена. Конкуренцијата во Премиер-лигата е далеку поголема, па прашање е дали кога му се приближува крајот на кариерата Аргентинецот би прифатил предизвик што би можел да му го урне митот како најдобар фудбалер на денешницата.

Јасно е, Меси ќе продолжи да биде главна тема и во наредниот период, а „светците“ ќе сторат буквално се за да го доведат во своите редови, на тој начин да го усреќат и Нејмар да потпише нов долгогодишен договор со клубот.

Се вчитува...