Цело КК Куманово негативно на Covid-19

Сите кошаркари и членови на стручниот штаб на КК Куманово биле негативни на тестирањето за Covid-19 што беше извршено во текот на вчерашниот ден. Новото тестирање беше организирано бидејќи кумановци минатиот викенд играа со Работнички, а „центарци“ на почетокот од оваа седмица објавија дека имаат позитивен случај на коронавирус во своите редови.

Во кошаркарската јавност веднаш завладеа страв дека може да дојде до ширење и во други клубови, што ќе претставуваше опасност по стартот на сезоната закажан за почетокот на октомври. За среќа, барем во Куманово нема случај на позитивен кошаркар на една седмица пред стартот на новиот шампионат, па барем засега од КФСМ нема најава за пролонгирање на почетокот од сезоната.

„Немавме симптоми на болеста, но сепак решивме да се тестираме за да отстраниме било каков сомнеж по позитивниот случај во Работнички. Резултатите беа негативни кај сите тестирани, сега максимално се насочуваме кон подготовките за новиот шампионат“, порачуваат од КК Куманово.

Кумановци во првото коло од новата сезона треба да играат против новиот прволигаш ТФТ.

Се вчитува...