„Циркус“ од стартот: Вечното дерби ќе се игра во „Градски Парк“

Новата сезона од кошаркарскиот шампионат на Македонија ќе стартува викендов, а самиот почеток носи и изненадувачка информација – дека Работнички сезоната како домаќин на МЗТ Скопје ќе ја почне во „Градски парк“, на вечното дерби што ќе се игра в недела со почеток во 18 часот. Станува збор за сала што со години наназад не ги исполнува ниту оние минимални услови и критериуми за врвен спорт, што беше најавено дека од сезонава ќе замине „во историјата“, но „центарци“ на крај сепак успеале да ја „протнат“ за да ја почнат Првата лига токму во „Градски Парк“.

Останува нејасно како оваа арена ја минала инспекцијата што е вообичаена пред стартот на секоја сезона, нешто за што одговор ќе треба да дадат претседателот Антиќ и останатите челници на федерацијата кои дале „амин“ на ваквата одлука која никако не може да оди во прилог на кошарката, дури и во ситуација кога мечот со МЗТ Скопје ќе се игра пред празни трибини.

Прв дуел од новата сезона ќе биде саботната пресметка меѓу Вардар и Црн Дрим (17 часот), само триесет минути подоцна в сабота Кожув ќе го пречека Пелистер, а истиот ден во 18 часот ќе стартуваат натпреварите ТФТ – Куманово и Академија ФМП – Гостивар. За недела покрај дербито Работнички – МЗТ Скопје е закажан и мечот МЗТ Скопје 2 – Еуро Никел, што ќе почне во 16 часот.

Се вчитува...