Циркус во Германија и пораз на Баерн: Судијата покажуваше картони за глума, ВАР го поправаше – два пенала за Леверкузен

Баерн Минхен го загуби лидерското место во Бундес-лигата откако баварскиот гигант претрпе пораз од 2-1 на гостувањето против Баер Леверкузен. Чабо Алонсо како тренер се покажа кобен за својот поранешен клуб каде блескаше своевремено како играч, носејќи им огромна радост на навивачите на „фармацевтите“. Мечот ќе остане запаметен по големите превиди на главниот судија, кој на крајот по интервенција на ВАР-собата мораше да досуди два пенала за Баер Леверкузен, откако претходно во двете ситуации погрешно му покажуваше жолти картони на домашниот играч поради симулација, за што подоцна мораше да му се извини и да ја промени својата одлука.

„Фармацевтите“ тргнаа фуриозно од почетокот на натпреварот, со пресинг играта му создадоа многу проблеми на фаворитот, но Баерн беше тимот што прв стигна во водство. Актуелниот шампион своајта прва шанса ја претвори во гол, Кимих шутираше силно од десетина метри и со помош на еден домашен дефанзивец ја смести топката во мрежата.

Второто полувреме донесе целосен пресврт по две трагикомични ситуации, главниот судија два пати му покажуваше жолт картон за глума во шеснаесетникот на Адли од Баер Леверкузен, но по интервенциите од ВАР-собата беше принуден да ги поништува картоните и да покаже на белата точка.

Адли при првиот пенал беше очигледно фаулиран од Павар, кој му ја соблече копачката, при вториот стартот беше од Упамекано, а во двете ситуации Паласиос беше играчот кој успеа од белата точка да го матира Зомер. Баварците создадоа неколку убави шанси во завршните петнаесетина минути, но Храдецки блесна на голот на Леверкузен и ја задржа предноста на тимот на Баер, предводен од Чаби Алонсо на клупата.

Баерн Минхен по денешниот пораз заостанува еден бод зад лидерот Борусија Дортмунд, четири повеќе од Унион Берлин на третата позицјиа.

Се вчитува...