Тухел доби богат чек за разделба, ПСЖ го потпиша Покетино

Пари сен Жермен од денеска ќе има нов тренер, откако се договорени сите детали од соработката со Маурицио Покетино. Француските медиуми тврдат дека договорот е веќе потпишан, а се чека само моментот кога „светците“ ќе го официјализираат со промоција, по што Покетино ќе го одржи и првиот тренинг со екипата.

Томас Тухел веќе е завршена приказна, откако претседателот Насер ал Келаифи реши да ги исплати преостанатите шест месеци од договорот со германскиот стратег. Иако имаше можност договорот да остане валиден до крајот на сезонава, а Тухел преостанатите пари да ги добива на рати, првиот човек на ПСЖ реши веднаш да му напише чек од шест милиони евра, со што Германецот би можел и веднаш да си најде нов тренерски ангажман.

Јануари ќе биде активен месец за „светците“, со оглед на фактот дека на Покетино му биле ветени засилувања за да може да се бори за трофејот во Лигата на Шампионите. Лионел Меси останува голема желба на ПСЖ за летово, но во меѓувреме Покетино би се задоволил со двајцата поранешни „пулени“ од Тотенхем, Деле Али и Кристијан Ериксен. Англискиот репрезентативец е достапен на позајмица од „спарси“, додека за Ериксен ќе мора да се платат 30 милиони евра, за целосен откуп на неговиот договор со Интер.

Се вчитува...