Тухел промовиран во Баерн: Со оваа екипа можам да освојам се што ќе посакам

Баерн Минхен денеска го промовираше Томас Тухел за свој нов тренер, кој доаѓа на местото на Јулијан Нагелсман, кој во четвртокот неочекувано доби отказ од таборот на „Баварците“.

Најтрофејниот германски тим експресно најде негова замена во името на екс тренерот на Борусија Дортмунд, ПСЖ и Челси, а со „сините“ ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Тухел кажа дека сега германскиот тим може да го повтори успехот, и да дојде до трофејот во ЛШ.

„Се се случи брзо. Никој ова не го очекуваше. Ми се јавија луѓето од Баерн, лесно и брзо се договоривме и еве, после неколку часа стојам тука пред вас како нов тренер на клубот. Тоа е за мене голема чест и голема одговорност, затоа што дојдов во клуб кој во својата ДНК има страст за победи. Мислам дека со оваа екипа можам да освојам што ќе посакам. Баерн е таков клуб и голема чест е да се биде тренер. Покрај тоа, многу ми е драго што се вратив во Германија и што ќе бидам блиску до моето семејство“, рече Тухел.

Новиот шеф на стручниот штаб зборуваше и за Нагелсман.

„Јулијан е добра личност и одличен тренер. Сигурно ќе разговараме, но мислам дека сега не е вистински момент. Длабоко сум уверен дека ако го повикам, ќе биде разбрано како непочитување низ она што поминува. Го ценам, знам како се чувствува и не сакам да го вознемирувам“, изјави Тухел.

Се вчитува...