Вардар ги раздаде трофеите, па сега со сениори ќе игра против Скопје

Вардар остана без трофеи оваа сезона, има огромна негатива во однос на Шкендија во трката за шампионската титула, а од истиот ривал доживеа тешка елиминација и во четвртфиналето на Купот, откако раководството на клубот испрати речиси младински состав на мегдан во Тетово. Претходно, младинците играа и против Силекс во првенството, загубија со 2-3. После таа „двојка“ како да дојдоа и поубави ветришта за сениорите. Информациите говорат дека фудбалерите добиле голема исплата на долговите, па сега т.н. бојкот кон ФФМ најверојатно ќе биде стопиран и Вардар ќе истрча со целиот тим на мегдан на „фенерџијата“ Скопје на стадионот на „Железарница“.

Силекс беше почестен со три бода, но Скопје најверојатно ќе треба добро да се помачи за да стигне до позитивен резултат против актуелниот шампион. А на Вардар му останува барем малку да го подобри впечатокот што го остави во овој дел од пролетната полуетапа.

Шкупи не сакаше да игра во Кратово поради лошата состојба на теренот, со оглед дека и тимот од Чаир доби забрана за настап на својот стадион, токму поради калливиот терен. Но, сепак, Силекс ќе биде домаќин во Кратово, а овој дуел е интересен поради борбата за третото место на табелата кое гарантира излез на европска сцена следната сезона.

Победа сега избра да биде домаќин во Охрид. После Турново и Битола, сега прилепчани сакаат да проверат колку Охрид и стадионот „Билјанини извори“ ќе биде среќен за нивниот тим на дуелот против Академија Пандев. Гостите по промената на клупата сега ќе ги предводи Југослав Тренчовски.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 23.КОЛО (14 часот)

Железарница: СКОПЈЕ – ВАРДАР  

Кратово: СИЛЕКС – ШКУПИ

Охрид: ПОБЕДА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

ВЧЕРА

РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 0-2

РЕНОВА – ПЕЛИСТЕР 1-0 

Се вчитува...