Вардар ја брка првата победа во сезоната, Академија ФМП продолжување на победничката серија

Прволигашката кошарка за Вардар и Академија ФМП продолжува денеска од 17 часот на „Кале“, каде двата тима ќе се обидат да стигнат до победа која може да биде од големо значење за конечниот исход на табелата.

Вардар сезоната ја започна со два пораза, но „црвено-црните“ докажаа дека нема да бидат „лесен плен“ на домашен терен со добриот натпревар против ТФТ. Денеска младиот тим ќе се обиде да се рехабилитира од убедливиот пораз во Битола и да стигне до првата победа во сезоната.

„После толку многу тренинзи едвај чекавме да почнеме со првенството и мислам дека сме доволно спремни за предизвикот. Имаме добра тимска хемија, тренираме добро и одиме на победа. Најбитно е да ја задржиме желбата за победа и да го дадеме максимумот на терен, а добро би ни дошла и малку среќа“ – изјави за Дамјан Крстевски.

Академија ФМП е еден од најинтересните тимови во новата сезона. Избраниците на Петровиќ веќе забележаа две победи во сезоната против Гостивар и Куманово, а победничката серија тимот од Кисела Вода ќе се обиде да ја продолжи и на денешниот натпревар.

„Тренираме во висок интензитет и атмосферата е одлична. Немаме одиграно натпревар повеќе од месец дена па сметам дека во една ваква ситуација најважно ќе биде залагањето. Доколку сакаме да стигнеме до посакуваната победа ќе мора да одиграме добро во одбраната“ – истакна капитенот на тимот, Горан Главчев.

Се вчитува...