Вардар против Црн Дрим – Чија криза ќе заврши, а чија ќе се продлабочи?

Прволигашката кошарка продолжува денеска во Скопје каде Вардар ќе го пречекува Црн Дрим во натпревар кој може да има големо значење на крајот на сезоната во борбата за опстанок меѓу најдобрите во мак-баскетот.

„Црвено-црните“ се уште чекаат на првиот триумф во сезоната, а денешниот натпревар е добра можност за радост за тренерот Јованчев и неговите кошаркари. „Вардарци“ се свесни за значењето на овој натпревар, кој би можел и директно да влијае во конечниот изглед на табелата па претпазливо и максимално посветено најавуваат освојување на двата бода.

„Утрешниот натпревар е еден од најбитните натпревари во сезоната за нас. Без разлика на претходните порази, мораме со ладни глави да излеземе на терен и да се одиграме максимално во секој поглед. Нормално се надеваме на победа на домашен терен“ – изјави Дамјан Крстевски.

Во слична ситуација е и тимот од Струга кој со победата над МЗТ Скопје Уни Банка на почетокот на сезоната најави опстанок меѓу најдобрите. Победа на денешниот натпревар на „Кале“ би ги довело избраниците на Чочороски чекор до изборување на целта во сезоната, но за истото потребно е младиот тим да даде се’ од себе.

„Овој натпревар за нас е еден од најважните во сезоната, а самото тоа носи и голема доза на мотивација. И покрај тоа што ова е втор натпревар во само три дена, не се сомневам дека ќе дадеме се од себе да го добиеме овој натпревар. Вардар е млада екипа, слична на нас која негува брза игра и сметам дека нашата шанса треба да ја бараме во сигурна и огранизирана игра. Што се однесува до нас, одиме на победа“ – изјави Андреја Атанасов.

Се вчитува...