Вечно дерби: Може ли Работнички да ја запре „црната серија“ против МЗТ?

Ждрепката сакаше веќе во првото коло од новата кошаркарска сезона силите да ги одмерат вечните ривали Работнички и МЗТ Скопје. Се крена врева околу одлуката на „центарци“ да продолжат да настапуваат во салата „Градски Парк“ иако таа не ги исполнува најосновните спортски критериуми, МЗТ во изминатите денови ги критикуваше и ривалите и раководството на КФСМ, но аеродромци денеска ќе се обидат да ја продолжат серијата од пет победи што ја имаат во меѓусебните дуели со големиот ривал. Воедно, последната пресметка во „Градски Парк“ донесе и преубедлива победа на МЗТ од 68-93, во мечот што беше и прво дерби на Димитар Мираковски како тренер на Работнички.

Една нова ситуација и начин на живот на кој сите се обидуваме да се прилагодиме колку е тоа возможно. Се обидуваме да функционираме колку тоа го дозволува здравствената ситуација. Знаеме дека први имавме случај на коронавирус. И штотуку почнати, мораше да одиме во 14. дневна изолација. Потоа се појавија и некои повреди. Дури сега, за првпат во текот на неделава тренираме комплетни. Меѓутоа, кога доаѓа МЗТ, се заборава на се. Се стискаат заби и се игра на максимум, тоа е она што го очекувам од играчите. Шансите се израмнети, празна сала, по неколку нови играчи, непознаница во каква форма сме, бидејќи одигравме само два контролни натпревари. И тоа е сè од март до сега. Посакувам на сите играчи, тренери, пред се, здравје да нè служи годинава. И надеж дека што побрзо ќе заврши ова, и повторно ќе играме пред полни трибини за да ги радуваме сите искрени љубители на кошарката“, истакнува Мираковски во пресрет на денешниот дуел.

Сличен е ставот и на тренерот на „металците“, Ѓорѓи Кочов, за кого денешното дерби е важно, но исто така го потенцира и здравствениот билтен во пресрет на првиот турнир од АБА2-лигата што ќе се одржи на Златибор.

„Кога сме кај очекувања од сезоната, мојата првична и најголема желба е да сите останеме здрави и живи. Сметам дека тоа треба да биде примарната цел на сите. Навистина испраќам искрено сочуство до сите наши сограѓани кои изгубија некој свој близок во борбата со корона вирусот. Исто така, сакам да изразам големо сочуство до можеби еден од нашите најголеми фанови и подржувач, и кој изминативе денови го загуби својот син поради корона вирусот. Професорот скоро и да нема пропуштено наш тренинг во изминативе четири години. Најдлабоко сочувство до него и до неговото семејство. Следно е да се почне и да се доигра сезоната до крај, и во надеж дека следната сезона ќе играме и тренираме кошарка во нормални услови. Корона вирусот го промени светот, а  го натера професионалниот спорт да импровизира. 

Натпреварот со Работнички доаѓа во време кога и двете екипи ќе се сретнат во момент на ненатпреварувачка  форма, згора на тоа без присуство на публика. Последниот натпревар го одигравме пред скоро  месец и половина  а бевме и во 14. дневен  карантин. Тренираме некои десет дена.  Да беше некој друг натпревар , а не градско дерби, ќе кажев дека  нема големо значење. Меѓутоа, играме против градскиот ривал кој направи навистина одличен тим. Ако го исконтролираме нивниот скок и шут за три поени, мислам дека ќе славиме во ‘Градски парк’. Ќе дадеме сè од себе да тоа биде така. Но најбитно ми е да останеме здрави до тргнувањето за Златибор каде ќе одиграме четири меча за девет-десет дена. Нашиот фокус е таму, навистина се надевам дека нема да имаме ново инфицирани играчи, бидејќи темпото на играње ќе биде навистина пеколно“ – вели Кочов во пресрет на големото дерби на македонската кошарка.

Се вчитува...