Возбудување во најава: Лидерот Академија ФМП го пречекува второпласираниот Пелистер

Еден од најинтересните натпревари оваа седмица ќе биде одигран во Кисела Вода каде ќе се сретнат прво и второпласираниот тим на табелата во заостанатиот натпревар од петтото коло од Првата лига.

„Пантерите“ оваа сезона не знаат за пораз на домашен терен, на три одиграни средби имаат и три победи. Избраниците на Петровиќ максимално подготвени и мотивирани влегуваат во овој натпревар, а целта е една – продолжување на победничката серија и одбрана на домашниот терен.

„Со оглед на тоа што двете екипи сме во победничка серија со сигурност не очекува возбудлив натпревар. Ова е најголемиот тест за нас оваа сезона, екипата на Пелистер која е една од екипите која атакува на висок пласман, но ние како тим во секој натпревар влегуваме максимално подготвени и мотивирани за да ја продолжиме серијата на победи“ – изјави Србиновски.

Перфектниот Пелистер е вистинско освежување во мак-баскетот. Битолскиот состав оваа сезона го има најдобриот напад кој во просек постигнува 110 поени, при тоа „зелено-белите“ се први на рангот со 70,5 примени поени по натпревар, а згора на тоа се и најдобри „скокачи“ во лигата, сегмент во кој избраниците на Илиевски ја гледаат предноста на денешиот дуел.

„Екипата на ФМП Академија е сериозен противник поготово на домашен терен каде забележаа победи против Гостивар и Куманово. Нивната бековска позиција функционира одлично, но и ние имаме добро составен тим. Предноста ја гледам во високите играчи каде одлично функционираме, мотивирани сме и секако одиме на победа и продолжување на серијата“ – изјави Даниел Нацевски.

Се вчитува...