Возбудување во најава: „Пантерите“ го пречекуваат ТФТ во Кисела Вода

Прволигашките натпревари продолжуваат денеска, а првиот натпревар од предвидените четири од деветтото коло ќе биде одигран во „Независна Македонија“ каде Академија ФМП ќе го пречека ТФТ, во дуел од горниот дел на табелата.

„Пантерите“ се едно од најдобрите изненадувања сезонава и во моментов се наоѓаат на делба на втората позиција на табелата со скор од три победи и само еден пораз. Избраниците на Петровиќ по подолго време се вратија на паркетот, против екипата на Вардар и славеа во неизвесна завршница, а денеска ќе се обидат да го пренесат добриот моментум, но и да ги поправат грешките од дуелот на „Кале“.

„Без разлика кој е противникот, ние влегуваме максимално мотивирани на секој натпревар. После победата против екипата на Вардар, не очекува нов натпревар против екипа која настапува во БИБЛ Лигата. Спремни сме да излеземе на терен да го дадеме својот максимум и со сериозен пристап и максимална пожртвуваност убеден сум дека ова ќе биде наша четврта победа за оваа сезона – изјави Валмир Какурки.

Во слична ситуација е и новајлијата ТФТ кој во извонредниот старт на сезоната го дели учинокот со Академија ФМП од три победи и еден пораз. Тимот од Тафталиџе се наоѓа во подобра натпреварувачка форма со оглед на тоа дека „црно-белите“ настапуваат и во БИБЛ лигата, но младиот тим оди од натпревар во натпревар, а го знае и „рецептот“ за славење во Кисела Вода.

„Натпреварот против Академија ФМП е одлична шанса за нас да се вратиме на победите по несреќниот пораз против Академик Пловдив. Доколку одиграме добро во одбраната и енергијата е на посакуваното ниво ќе можеме да ги освоиме двата бода во Кисела Вода. Овој натпревар е доста важен, меѓутоа не претставува притисок, туку дополнителен мотив за нас“ – изјави бекот на ТФТ, Иван Сапунџиев.

Се вчитува...