Загубена сезона: Кого сега го интересира дали Вардар ќе игра со младинци или не!?

По срамната одлука на раководството на Вардар со младински тим апсурдно да се „пркоси“ на ФФМ, за која во иднина веруваме ќе се дознае и комплетната позадина за носење на истата, најтрофејниот македонски клуб се доведе во ситуација да официјализира комплетно загубена сезона дури на три месеци пред крај на домашните натпреварувања.

На 14 кола пред крајот на првенството, со 14 бода заостанување зад водечката Шкендија, „вардарци“ ја загубија битката за одбрана на титулата а со елиминацијата и во четвртфиналето од Купот на Македонија ја запишуваат и една од најлошите натпреварувачки сезони во последните седум години.

Ова е 13-та сезона во независна Македонија во која ФК Вардар останува без ниту еден трофеј, и во првенството и во Купот. А, втора сезона во која „црвено-црните“ остануваат без било каква титула од петте во кои клубот е воден од Сергеј Самсоненко.

Од раководството на клубот, најавија дека по дуелите со Силекс и Шкендија ќе одлучеле дали понатаму ќе продолжи да се игра со младинци…!?? Само што, дали тоа сега и воопшто е така важно, откако се загубија двете натпреварувачки боишта!? Очигледно е дека веќе и никого на домашната фудбалска сцена не го интересира сега дали Вардар до крајот ќе игра со младинци или не. Ниту неговите најверни навивачи кои го доживеаја најголемиот срам со начинот на кој се дозволи поразот од Шкендија во Купот на Македонија. Освен, секако оние клубови кои се борат за третата позиција и европски излез, а кои сигурно посакуваат Вардар да си продолжи со оцрнувањето на своето име и традиција, па и ним да им сервира младинци за бодови!

Како и да е, зад името на Вардар ќе остана на крајот за аналите запаметено единствено дека клубот останува без трофеј. Зад името на Вардар ќе остане запишано и дека, со поразите од Работнички и Силекс во првенството и од Шкендија во Купот, „црвено-црните“ за првпат по цели седум години нанижале три едноподруго порази во домашните натпреварувања. Последен пат кога Вардар забележал три едноподруго порази е во април 2011 година во сезоната во која најтрофејниот македонски клуб натпреварувачки и испадна од лигата. Но, потоа следеше фузијата со Миравци со што си го зачува прволигашкиот статус.

Факт е дека до крајот на првенството „вардарци“ не може да си дозволат младинци и поради можноста за загрозување и на европскиот излез. Токму поради тоа ќе се продолжи во иднина со сите расположиви сили, но сето тоа уште еднаш само ќе ја потенцира траги-комичната ситуација со која ова раководство на Вардар на најголемото домашно фудбалско име му го додаде предзнакот – циркус!

Се вчитува...