Замената на Диего Коста во Атлетико доаѓа од Лион

Атлетико Мадрид ја заврши потрагата по нов голгетер што ќе го наследи Диего Коста, постигнувајќи договор за ангажман на Муса Дембеле од редовите на Лион. Претседателот Черезо во изминатите денови преговараше за неколку напаѓачи, а главна цел му беше да не бидат потрошени премногу пари бидејќи во секој случај станува збор за играч кој нема да биде стандарден првотимец, туку „бек-ап варијанта“ за Суарез и Феликс.

На крајот, изборот падна врз Дембеле откако Лион даде зелено светло да го пушти поранешниот голгетер на Селтик на позајмица до крајот на сезонава. Атлетико ќе има можност летово да го откупи неговиот договор за 35 милиони евра, но таа клаузула не е задолжителна, па голема е веројатноста дека Дембеле на крајот од сезонава ќе се врати назад во Франција.

Станува збор за голгетер кој две сезони по ред беше предводник на нападот на Лион. Дембеле се наоѓаше на списокот со желби на неколку англиски премиерлигаши, францускиот клуб реши да не го продаде, но сезонава тој игра во катастрофална форма, постигнувајќи само еден гол на 16 одиграни натпревари. Подобри стрелци од него се Депај со 11, Екамби со девет и Кадевере со седум погодоци, па тренерот Гарсија дал зелено светло за негово заминување, во ситуација кога ионака не може да му гарантира поголема минутажа на Французинот до крајот на оваа сезона.

Трансферот е договорен, но се одложил за неколку дена поради големиот снег во Мадрид и затворениот аеродром во шпанската метропола, но се очекува тимот на Диего Симеоне во следните 24 часа да го официјализира доаѓањето на Дембеле.

Се вчитува...