Зивчевиќ повторно во мак-баскетот – потпиша за Куманово

Управата на Куманово реагираше по серијата слаби игри на оваа екипа, ангажирајќи го Ненад Зивчевиќ како најново засилување на „сино-белите“. Одличниот крилен кошаркар со овој трансфер се враќа назад во мак-баскетот по неколкугодишна пауза, период во кој настапуваше во неколку различни држави во Азија и во Африка.

„Потпишав со Куманово до крајот на оваа натпреварувачка сезона, задоволен сум од остварената соработка и од фактот што повторно ќе играм во Македонија. Минав неколку години во најразлични држави, почувствував потреба да се вратам назад дома, да бидам крај семејството и најблиските. Кога си заминав од Египет пред еден месец веднаш добив понуди од неколку различни азиски земји, но мој приоритет и тогаш беше останување во Македонија. Интерес покажаа уште неколку клубови, но со Куманово преговарав цел месец, успеавме да најдеме заеднички јазик и потпишавме договор“, изјави Зивчевиќ.

Нема сомнеж дека Зивчевиќ ќе биде еден од главните адути на тренерот Мирковски, со кого досега нема соработувано.

„Искрено кажано, се уште не можам точно да наведам што можам да очекувам од самиот почеток на овој ангажман. Немам натпревар повеќе од еден месец, но и долго време сум надвор од Македонија, а концептот на кошарката во земјите во кои играв е сосема поинаков од овде. Не сум работел со тренерот, од соиграчите имам играно само заедно со Горјан Марковски и со Цветковски, така што сигурно ќе ми биде потребно време за адаптација. Сепак, се чувствувам подготвено за овој предизвик, да помогнам во остварување на целите што клубот ги има зацртано од стартот на сезоната“, вели Зивчевиќ за ЕКИПА.

Се вчитува...