„Зошто има различни критериуми и протоколи само за кошарката?“

Здружението на кошаркарски тренери во Македонија гласно реагира на различното толкување на протоколите во различни екипни спортови во Македонија. Во ситуација кога стартот на кошаркарската сезона неколку пати се одлага, додека во фудбалот, ракометот и одбојката веќе се почнати новите шампионати, тренерите бараат и во кошарката да важат истите протоколи како и во останатите екипни спортови.

Соопштението на Здружението на кошаркарски тренери во Македонија го пренесуваме во целост…

Здружението на кошаркарски тренери на Македонија се огласува по повод различните толкувања на протоколите во екипниот спорт во Македонија. Имено, по првиот позитивен тест на еден играч во кошаркарскиот клуб Работнички, целата екипа заедно со дел од стручниот штаб беше ставена во 14 дневна самоизолација, иако сите беа тестирани и добија негативни резултати. Првенството беше одложено за една недела. Непосредно пред стартот на новиот термин по скрининг тестирање на сите екипи, повторно имаше случај на двајца позитивни овојпат во МЗТ и повторно целосна изолација на сите играчи , а останатите исто како во претходниот случај беа негативни на истото тестирање. Навистина големи нелогичности и различно спроведување на протоколите и законите во иста држава.

Додека сме сведоци во ракометот или фудбалот каде неколку играчи се појавуваат позитивни со симптоми на ковид-19 и во изолација остануваат само 10 дена исклучиво само позитивните, а натпреварите продолжуваат. Неверојатно и необјасниво е како би почнало кошаркарското првенство доколку овие протоколи продолжат да важат само во кошарката. Секогаш ќе постои ризик еден позитивен случај да ја смести цела екипа во изолација, а индиректно да ја суспендира лигата.

Повикуваме до одговорните служби да почнат да ги спроведуваат протоколите во македонската кошарка кои важат за сите екипни спортови во цела Европа, со цел да не се случи уште една сезона која би била неодиграна овојпат воопшто и почната. Штетата од таквиот исход би била несогледлива за многумина кои се дел од овој спорт, како и за младите и нивниот развој.

Се разбира дека здравјето на сите партиципиенти и љубители на спортот е најважно, но со придржување и следење на протоколите за ковид-19, ризикот е сведен на минимум, а кошарката како и секој спорт може да продолжи.

Апелираме за брзо надминување на несогласностите со цел што побрз рестарт на првенството.

Се вчитува...