Веспрем денеска ги стартува подготовките за новата сезона, а во фокусот на вниманието очекувано се новите ракометари. Еден од нив е и македонскиот ас Дејан Манасков, кој пристигна од редовите на Некар Левен и ќе биде еден од главните адути на тренерот Врањеш на позицијата лево крило. Манасков не го крие задоволството што станува дел од унгарскиот ракометен гигант, а во интервјуто за клупската веб-страница истакнува дека победничкиот дух на Веспрем бил една од главните причини што од бројните понуди тој го избрал токму унгарскиот првак.
„Како играч јас сум победник во душа, секогаш сакам да победувам. Тоа е и една од причините поради кои дојдов овде, бидејќи Веспрем е тим што секогаш атакува на што повеќе трофеи. Имам играно во оваа арена, знам колку е посебна атмосферата бидејќи навивачите на Веспрем се меѓу најдобрите во светот“ – е одговорот на Манасков на прашањето како би се опишал себе си.
Адаптацијата не би требало да претставува проблем бидејќи Манасков се познава со дел од новите соиграчи, а нашиот интернационалец има само пофални зборови за тренерот Љубомир Врањеш, кој летово пристигна од клупата на Фленсбург.
„Задоволен сум бидејќи имаме многу добар тим и извонреден тренер. Со дел од играчите се познавам од претходно, така што очекувам брзо да се адаптирам. Најважно од се е сите да работиме напорно, тоа е единствениот начин да одиме напред и на крајот од сезоната да ги оствариме своите цели“ – порачува Дејан Манасков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА