Фудбалската асоцијација на новинари на Островот го изгласа Н’голо Канте за најдобар фудбалер во англиската Премиер – лига за сезоната 2016/17. Ова е втора индивидуална награда за францускиот репрезентативец, откако пред неколку дена ја освои и наградата за најдобар фудбалер во Англија изгласан од професинални фудбалери.
Канте е на работ од освојување на својата втора титула во Премиер лигата, откако минатата година стана шампион со Лестер сити. 26-годишниот играч за врска сега ќе го освои трофејот и со Челси, се разбира доколку „сините“ обезбедат победи над Мидлсборо вечерва и над Ватфорд четири дена подоцна.
Репрезентативецот на Франција е само 18. фудбалер кој ги освоил двете индивидуални награди во една година. Пред Канте, меѓу другите ова им успеа и на легендата на Арсенал, Тјери Анри и некогаш најдобриот играч на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо. Канте и за оваа награда доби повеќе глаасови од неговиот соиграч Еден Азар, кој се најде на второто место според бројот на гласови, додека Деле Али од Тотенхем е третопласиран во овој избор.
Н’голо Канте е четвртиот Французин, а воедно и четвртиот играч на Челси што ја освојува оваа награда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА