Низ улиците на македонската метропола денеска ќе се трча новото издание на Виз Ер Скопски маратон. Ќе биде најмасовен досега и се очекува да донесе многу возбуда, како и секоја година. Традицијата продолжува, а покрај професионалните атлетичари се очекува и огромно присуство на самите граѓани на градот Скопје.
„Со над 8.500 учесници од 51 држава од светот Виз Ер Скопски маратон повторно ги сруши границите на конвенционалното и од година во година тој станува еден од најпосетуваните и најинтересните настани во Македонија. Како организатори на оваа манифестација секоја година со помош на бројните волонтери, поддршката од институциите и компаниите се предизвикуваме и квалитетот на Виз Ер Скопскиот маратон е се подобар и подобар. Ги покануваме сите да го проследат настанот и да се забавуваат за време на маратонот, полумаратонот, трката од 5 километри и штафетната трка. Како промоторки на Виз Ер Скопски маратон оваа година ни доаѓаат трите сестри близначки од Естонија, Леила, Лили и Лина Луик, кои минатата година учествуваа на маратонот на Олимписките Игри во Рио“, порача Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон, на прес – конференцијата, во пресрет на денешниот настан.
Низ годините, Виз Ер Скопски Маратон прерасна во најмасовен спортски настан во Македонија кој привлекува се поголем број на учесници, како домашни така и странски натпреварувачи. Од настан кој се организира еднаш годишно, истиот се претвори во движење кое ги претставува некои од најголемите човекови вредности, како истрајноста, упорноста и солидарноста.
На програмата се четири трки: маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на 5 километри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА