Атанасов пред полуфиналето со Пелистер: „Битолчани се силни, но ние сме МЗТ“

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва го пречекуваат Пелистер (19 часот) во првиот меч од полуфиналната плејоф-серија.

Тренерот на „металците“, Васко Атанасов очекува голема борба на теренот и уште поголема поддршка од трибините.

„Плејофот е посебна приказна, во која се влегува со бистар ум и голема самодоверба. Противникот е силен, но ние сме МЗТ, поради што мора да влеземе максимално фокусирани и решени да оставиме се на паркетот за да дојдеме до целта. Имаме проблем со повредите, но тоа нема да не спречи да одиграме паметно, посветено и со една мисла – радост на крајот. Серијата се игра до две победи, поради што ова е исклучително важен дуел за нас, со цел во Битола да патуваме со предност. Апелирам до сите наши навивачи и симпатизери вечерва да дојдат и од трибините да ни ја дадат потребната енергија. Тие се нашиот шести играч, а со нивна помош ние ќе бидеме многу поблиску до посакуваниот триумф“, вели Атанасов.

Билетите се во продажба преку интернет-страницата и продажните места на МК Тикетс, а од 17 часот ќе се продаваат и на билетарницата пред салата. Цената е 100 денари.

Се вчитува...