Ѓоргиев горд: Историја со Карловарско, сега сакам и со Македонија

Никола Ѓориев не го крие воодушевувањето откако македонскиот ас стигна до нова титула во својата блескава кариера, овојпат во Чешка откако со тимот на Карловарско во драматичната финална серија славеше над Прага со 3-2.

Целото финале беше максимално израмнето, но Ѓоргиев и соиграчите одиграа перфектно во вчерашната мајсторска, славеа убедливо со 3-0 и заслужено се искачија на тронот на чешката одбојка.

„Многу сум среќен и многу горд. Карловарско лано имало водство од 2-0 во финалето, но останато без титула. Затоа трофејот беше приоритет за оваа сезона, јас бев доведен токму за остварување на таа цел и пресреќен сум што дадов значаен придонес да стигнеме до титулата. Прага е сериозен тим со поголем буџет од нас, со врвни одбојкари, што ја прави оваа победа уште позначајна и уште поголема за сите нас. Горд сум што на колекцијата на трофеи го додадов и овој како првак на Чешка. Со славје почнавме од вчера, продолжуваме и денеска, навистина го заслуживме бидејќи дадовме се од себе за сега да имаме причина за радост“, вели Никола Ѓоргиев за ЕКИПА.

Нема многу време за одмор за нашиот коректор, кој за неколку дена ќе се приклучи на подготовките на македонската репрезентација и ќе биде лидер на наредниот европски шампионат.

„Малку време за регенерација, неколку дена за полнење батерии и доаѓам во Скопје и се приклучувам на репрезентацијата. Максимално сум мотивиран, ова ќе биде можеби и моја последна година во репрезентативниот дрес, па сакам да го оствариме и најдобриот  резултат досега со Македонија на едно Европско првенство. Испишав историја со Карловарско, сега сакам истото да го сторам и со репрезентацијата“, зрачи со отпимизам Никола Ѓоргиев.

Се вчитува...