Нема брз „кам-бек“ за Давид Митов: Повредата не се санира како што очекувавме

Иако според првичните најави се очекуваше до крајот на април комплетно да се врати на терените во дресот на Норчепинг, македонскиот репрезентативен голман Давид Митов – Нилсон очигледно нема среќа со повредите.

Преживувајќи ја втората потешка повреда за само една години, Митов во моментов се опоравува од скршеницата на раката која ја заработи во јануари. 26-годишниот чувар на мрежата се очекуваше веќе да се врати активно на тренинзите и натпреварите, но согласно последните снимки ќе мора да почека за истото.

„Деновиве специјалисти треба да ги погледнат снимките, не сакам многу да зборувам околу тоа јас, затоа што е потребно мислење на стручни лица, но очигледно враќањето на терените ќе потрае малку подолго од тоа што јас го очекував. Очекувавме за две недели максимално активно да се вратам на тренинзите и натпреварите, но изгледа дека нема да биде така“ – вели Митов-Нилсон за шведските медиуми, и дополнува:

„После долг период кој го минувам само во сала за вежбање, се приклучив на полесни тренинг сесии, застанав на гол но не сакавме многу да ризикуваме. Затоа го чекаме финалното мислење од специјалистите“.

Се вчитува...