Пред шест години Колин и Кристин Вајер добиле 185 милиони евра на лото… Па, откако си ги исполниле сите свои желби, но и оние на семејството и пријателите, ред дошол на нивниот омилен клуб ФЦ Партик од Шкотска, кој оваа сезона првпат по 36 години се избори да игра во Топ 6 плеј-оф разигрувањето за титулата во Шкотска.
„Навивам за овој клуб од детството. Минувам часови и часови на стадионот и навистина ми е мило што може да помогнам“ – вели Колин кој со сопругата веќе донирале еден милион евра за младинската школа, а планираат да одвојат уште пет милиони евра за изградба на тренинг камп за клубот.
Кога клубот изминативе години бил во финансиски проблеми, тие двајцата веднаш влетувале со средства и го извлекувале.
ФЦ Партик иако е од Глазгов своите натпревари ги игра на „Фирхил стадионот“ надвор од градот, а бидејќи нема тренинг камп, дел помошни игралишта дели со уште еден клуб…
„Воодушевени сме што можеме да помогнеме, затоа сега ќе изградиме посебен тренинг центар за нашиот клуб во вредност од пет милиони евра“ – вели Кристин.
Менаџерот на клубот, 39-годишниот Алан Арчибалд, и самиот оваа сезона имаше неколку одлични понуди да продолжи со тренерскиот занает во Англија, но одлучи да остане во клубот и да му помогне да дојде до најдобриот негов резултат во последните 36 години.
„Успеавме да избориме пласман во најдобрите шест екипи во најсилната лига во Шкотска… Сега навистина ни треба тренинг центар. Одлучив да ги одбијам сите понуди затоа што тука е се одлично, клубот, управата, навивачите… Кога ќе видите дека постојат вакви навивачи, кои донираат огромни суми пари само клубот да ги има идеалните услови за работа навистина се восхитувате. И во вакви моменти всушност сфаќате зошто го сакате фудбалот, и дека истиот не е само игра и натпревар, но една огромна љубов“ – вели Арчибалд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА