Словенија со максимален ефект влегува во пресметката од третото коло против Македонија откако избраниците на Веселин Вујовиќ на првиот меч на денешната програма во Мец славеа над Исланд со 26-25. Дуелот во кој во првото полувреме главна одлика беше одбраната, а во второто нападот на двете селекции, го реши Миха Зарабец, кој постигна два гола во самиот финиш и им ја донесе победата на Словенците, кои покажаа и карактер и квалитет во пресрет на понеделничката пресметка со нашиот национален тим.
Од самиот почеток стана јасно дека двете европски селекции од Б групата ќе водат рововска битка. Одбраните функционираа одлично, а во ритам влегоа и голманите Скок и Густавсон, па по 15 минути игра резултатот гласеше 4-4. Израмнето беше до 6-6 во 20. минута, а потоа Словенија почна да се одлепува. Избраниците на Вујовиќ најпрвин дојдоа до 8-6, потоа и до 10-8, за Марко Безјак со прецизен удар од седум метри да ја одведе Словенија на „плус три“ (11-8) на крајот од полувремето.
Исланѓаните не само што не се предадоа, туку и експресно возвратија на самиот почеток од второто полувреме. За четири минути игра стигнаа со 12-11, за во 36. минута да стигнат и до израмнување (13-13) со голот на Елисон од контранапад. Двајцата селектори не беа задоволни од голманите на стартот од вториот дел, па дојде до смена, Кастелиќ застана на голот на Словенија, а Едвардсон го замени Густавсон (седум интервенции во првото полувреме) кај Исланд. За разлика од првиот дел, во второто полувреме ракометарите многу полесно го наоѓаа патот до мрежата, а судиите од Кореја правеа грешки на двете страни, исто како што тоа беше случај и на првиот меч меѓу Македонија и Тунис.
Вујовиќ го врати Матевж Скок на голот, одбраната на Словенија повторно доби на цврстина и оваа репрезентација поведе со 23-21, имаше и напад, но не го искористи по што Карасон погоди од сопствената половина во празната мрежа на противникот и го врати Исланд резултатски во натпреварот. Кавтичник не реализираше пенал, но на спротивната страна Скок му возврати на Густафсон, бранејќи го седмерецот на Сигурдсон, а потоа во клучен момент погоди Зарабец, кој дебитираше на мундијалот откако го пропушти премиерниот меч со Ангола. При резултат 25-24 судиите од Кореја не досудија очигледен прекршок врз Доленец, по што Исланд на нешто повеќе од 90 секунди до крајот. Зарабец ја имаше улогата на херој, крадејќи топка, по што бекот на Целје тргна сам во контранапад, го совлада Густавсон и стави печат на победата, изразена со конечни 26-25.
Марко Безјак со шест гола од седум шутеви беше најзаслужен за победа, а одлична игра прикажаа и Зарабец и Кавтичник со по четири погодоци. Кај Исланд најефикасни во вториот пораз на шампионатот беа Елисон со седум и Карасон со шест постигнати гола.
Словенија во третото коло в понеделник ќе се сретне со Македонија, додека Исланд утре го игра својот меч од третата рунда, во 14.45 часот против Тунис.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА