Вон после осум операции и закана од ампутација, испрати застрашувачка порака

Американската скијачка икона Линдзи Вон останува фокусирана на нејзиното закрепнување, и физичко и ментално, од сериозниот пад на Зимските олимписки игри во Милано Кортина во 2026 година. Нејзиното враќање од пензија, со цел да се натпреварува на своите шести Олимписки игри, се претвори во борба за спасување на нејзината кариера и здравје.

Откако ги скина предните вкрстени лигаменти, само неколку дена подоцна таа доживеа фрактура на тибијата при пад за време на спуст, што бараше итна и сложена медицинска интервенција. Нејзината иднина во натпреварувачкото скијање сега е под знак прашалник, а Вон искрено признава дека сè уште не донела одлука дали воопшто ќе се обиде да се врати на патеките.

Од несреќата во февруари, Вон претрпе неверојатни осум операции за поправка на комплексна фрактура на левата нога, а откри и шокантен факт дека постоел реален ризик од ампутација. Пред неа е барем уште една операција, за реконструкција на предниот вкрстен лигамент на истото колено, што значи дека целосното враќање на тренинг може да потрае и до година и пол. Иако во текот на кариерата претрпела бројни повреди, вклучувајќи и титаниумски имплант во десното колено, Вон вели дека оваа повреда била сосема поинаква.

„Можам да поднесам многу болка, но оваа беше екстремна. Не е ни блиску до нивото на болка што ја чувствував со оваа повреда во споредба со претходните. Ова е многу поинаква повреда поради сериозноста и сознанието дека можев да ја изгубам ногата“, рече Вон.

Легендарната скијачка признава дека моментално е во „режим на преживување“ и не е во можност да донесе толку голема животна одлука околу тоа дали ќе рподолжи со скијањето.

„Едноставно не сакам да брзам со заклучоци или да шпекулирам за тоа што би можела да направам“, рече Вон во неодамнешно интервју .

„Можеби ќе се пензионирам. Можеби никогаш повеќе нема да се натпреварувам и тоа би било во ред, но емоционално не сум во позиција да ја донесам таа одлука во моментов. Само сакам да го надминам ова и да можам да проценам каде сум во животот.“

Се вчитува...