Доказ зошто е двократен европски шампион: Вардар го прегази Нант среде Франција

Ракометарите на двократниот европски шампион Вардар, стигнаа до првата победа сезонава во Лигата на шампионите откако славеа на гостувањето кај Нант со убедливи 27-33 во 5. коло. Иако овој меч нема никакво резултатско значење за нашиот шампион, вардарци одиграа за својата чест.

Избраниците на Иван Чупиќ конечно добро отворија еден натпревар сезонава во Лигата на шампионите, па на половина од првото полувреме имаа предност од четири голови 7-11 најмногу благодарение на седумте одбрани на одличниот на голот Валах.

Вардарци влегоа во криза во нападот во следниот период, па во 24. минута домаќинот доојде на само минус еден (11-12). До крајот на првиот дел „црвено-црните“ беа подобар противник па на пауза заминаа со позитива од 13-16.

Македонскиот шампион одлично го отвори и второто полувреме, а со голот на Љевар во 37. минута за првпат стигна и до плус пет (17-22). Ниту, тајмаутот не им помогна на гостите. Вардар продолжи да го меле противникот, па во 40. минута стигна и до седум гола предност 17-24. Валах продолжуваше да доминира покрај стативите, а тоа го користеа неговите соиграчи кои на четири минути до крајот стигнаа и до двоцифрена предност (23-33), а на крајот славеа со конечни 27-33.

Неверојатниот Валах натпреварот го заврши со 17 одбрани, додека најефикасен кај победникот беше Љевар со седум гола. Кај поразените Турченко и Периќ постигнаа по четири гола.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...