Три моменти во „магичната 2016“ на Филип Талески

Со години наназад посочуван како предводник на новата генерација македонски ракометари, Филип Талески чекаше, дочека и во оваа 2016 блесна во сиот свој сјај.

Не само што ја доби капитенската лента во Металург туку и максимално ја оправда со својот професионализам, кој му обезбеди и посериозна улога во националниот тим, каде најдоброто од бекот од Крушево допрва претстои.

Од годината што мина во негов знак, Филип Талески за ЕКИПА издвои три работи кои ги смета како клучни за неговиот ракометен развој.

1. Прво морам да ја потенцирам шансата што ја добив од тренерот Лино Червар. Добив можност да ги покажам квалитетите и во Лигата на шампионите, прикажав неколку добри партии, а дефинитивно би го издвоил првиот меч со Елверум на кој постигнав 13 погодоци.

2. Трансферот во Некар Левен. Јасно е дека станува збор за клуб од самата европска елита, екипа што им дава шанса на младите ракометари и верувам дека тоа е вистинскиот чекор напред во мојата кариера.

taleski rajn nekar

3. Подмладувањето во репрезентацијата за кое многу се говореше конечно почна да се случува, тоа е добро за мене и за дел од помладите играчи, ни дава поголем елан во работата знаејќи колку сме близу до националниот тим. Искрено верувам дека ќе се најдам на конечниот список на Лино Червар и ќе заиграм за Македонија на едно големо натпреварување. 

Која е желбата на спортски план на Филип Талески за новата 2017 година?

Почнуваме со репрезентацијата, се надевам на добри и блескави игри и резултати на СП во Франција. Потоа секако и на клупски план ќе има многу предизвици, со Металург, а можеби многу побрзо и со Некар Левен. 

Се вчитува...