Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед и миленик на Алекс Фергусон, Јеспер Бломквист, во кој многумина гледаа наследник на Рајан Гигс, од фудбалот се префрли на правење пици. Тој неодамна отвори пицерија во близина на Стокхолм.
Некогаш успешниот фудбалер, сега често и сам прави пици во својата пицерија, а тие што ги пробале неговите специјалитети велат дека е најдобар пица-мајстор во Шведска!
„Имав некои лоши инвестиции…Не сум егзистенцијално загрозен, но не можам ни да седам и ништо да не правам. Затоа отворив пицерија во Лидинг. Отсекогаш сакам да експериментирам околу храната, посебно кога играв во Италија“ – вели 44-годишниот Јеспер Бломквист.
Тој пред осум години ја заврши фудбалскаат кариера и вели дека сега ужива во „втора професија“. Во своите фудбалски денови, тој помина три години во дресот на Манчестер јунајтед со кој во првата година ја освои титулата во Лигата на шампионите во историското финале против Баерн Минхен. Бломквист беше миленик на Алекс Фергусон, но во втората сезона во Манчестер јунајтед доживеа тешка повреда на коленото и две години речиси и не играше. Додека се опоравуваше од повредата, тој водеше кулинарско шоу на клупската телевизија.
После повредата и долгата пауза во Манчестер јунајтед не сакаа да го задржат, но Фергусон не сакаше да се откаже од него, па го препорача на Евертон за кој настапуваше една сезона. Подоцна одигра уште четири натпревари за Чарлтон и на крај реши да се врати во Шведска. Поради проблемите со повредите релативно рано реши да стави крај на фудбалската кариера.
Последниот натпревар Јеспер Бломквист го одигра во 2010 година за тимот на Хамарби каде беше и помошник тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА