Рајн Некар Левен загуби на гостувањето кај Кил со 27-22, во големото дерби од Бундес-лигата за кое актуелниот германски шампион го жртвуваше осминафиналето во Лигата на шампионите. Ова е втор пораз за „лавовите“ во вториот натпревар денеска, откако претходно вториот тим на Рајн Некар Левен беше катастрофално поразен од Кјелце (41-17) во првиот меч од осминафиналето во ЛШ. А, потоа и првиот тим на Рајн Некар Левен во најсилен состав, остана без бодови во дуелот со Кил.
Откако ЕХФ не дозволи промена на термините, Рајн Некар Левен во ЛШ настапи со вториот тим и му даде приоритет на дербито со Кил во Бундес-лигата. Но, избраниците на Николај Јакобсен беа шокирани на гостувањето во Кил. Одиграа исклучително лошо во првото полувреме и на крај тоа ги чинеше пораз во бундеслигашкото дерби.
Домаќините демонстрираа максимална сигурност и ефикасност во нападот, Никлас Ландин беше несовладлив на голот, а Рајн Некар Левен целосно исфрлен од ритам. Кил направи серија од 7-0 и поведе со 8-3 на средината од првото полувреме, а по првите 30 минути имаа водство од 17-9.
Доминацијата на Кил продолжи и на стартот од второто полувреме. Но, се разбуди и Рајн Некар Левен и успеа да ја стопи негативата. Избраниците на Јакобсен постигнаа четири гола во серија и успеа да намалат на 19-14. Гостите ја преполовија негативата на стартот од последната четвртина (20-16), но Кил сепак, не му дозволи на противникот да направи пресврт. „Зебрите“ успеаја да се одбранат од задоцнетиот притисок на Рајн Некар Левен и да го решат дербито во своја полза.
Филип Талески играше претежно во одбраната на Рајн Некар Левен и не постигна ниеден гол на овој меч. Најефикасни кај Рајн Некар Левен беа Хенрик Пекелер и Гудјон Валур Сигурдсон со по четири гола. Кил во победата го предводеше Никлас Екберг со шест гола.
Рајн Некар Левен и по поразот во Кил, останува на првото место на табелата со 42 бода, само два повеќе од Фленсбург и Фуксе Берлин. Кил е на шестата позиција со 35 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА