ППД Загреб во Скопје ја освои првата титула во региопналната СЕХА лига во 2013 година. Во хрватскиот шампион се надеваат дека скопскиот терен ќе им се посреќи и по втор пат во борбата за титулата во регионалната лига. На патот до финалето, ППД Загреб прво треба да го мине дебитантот на Ф4 турнирот, словенечкиот првак Целје Пивоварна Лашко.
„Овде се најдобрите четири екипи во регионот. Следува полуфиналето со Целје Пивоварна Лашко. Нашите дуели со соседите низ историјата секогаш се со предзнак дерби. Победникот секогаш го решавале мали детали и верувам дека така ќе биде и утревечер. Шансите се подеднакви, но се надевам дека на крај ние ќе се радуваме“ – истакнува тренерот на ППД Загреб, Златан Сарачевиќ.
Со свои сметки во полуфиналната пресметка влегува и неговиот колега на клупата на Целје, Бранко Тамше. За словенечкиот тим ова е прва сезона во СЕХА лигата и деби на Ф4 турнирот на кој ќе се борат за влез во големото финале.
„Среќни сме што целата сезона играме рамноправно со сите екипи во СЕХА лигата. Се согласувам дека овде се најдобрите четиир екипи и дека викендов не очекуваат одлични натпревари. ППД Загреб има одлична екипа, одличен тренер и ќе биде многу тешко да се победи во овој дуел. Но, јас сум оптимист, верувам дека може да стигнеме до финале“ – оптимист е Тамше.
Хрватскиот и словенечкиот шампион ќе играат во вториот полуфинален дуел на Ф4 турнирот во СЕХА, утре со почеток во 20.15 часот. Победникот од овој меч го чека финалето во недела против поуспешниот од првата полуфинална пресметка меѓу бранителот на титулата Вардар и Мешков Брест.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА