Апел: Без омраза и насилство, можност и за прекин на натпреварите

Во пресрет на утрешните натпревари од Прва и Втора МФЛ и завршницата од првенствената сезона, Фудбалската федерација на Македонија преку Одделот за безбедност и интегритет упатува апел до клубовите, навивачите и сите поддржувачи за фер, спортско и достоинствено навивање.

ФФМ апелира да не се користат скандирања, пораки или било какви содржини што поттикнуваат омраза, дискриминација или насилство врз основа на верска, национална или расна припадност.

Во спротивно, согласно Правилникот за натпреварување и процедурите преземени според правилниците на УЕФА и ФИФА, делегатот и главниот судија ќе постапуваат според т.н. „Правило во три чекори“, со можност за прекин на натпреварот и дополнителни дисциплински мерки.

Комисијата за безбедност на ФФМ и надлежните служби се задолжени да ги преземат сите превентивни и организациски мерки со цел натпреварите да поминат во фер и спортска атмосфера, а клубовите уште еднаш се потсетуваат на нивните обврски кои произлегуваат од Правилникот за натпреварување.

Фудбалската федерација на Македонија нема да дозволи нарушување на интегритетот на натпреварувањето од страна на поединци или клубови кои преку тензии, провокации или организирани постапки ќе се обидат да создадат нестабилна атмосфера, водејќи се од интереси и случувања од минатото.

Секое однесување спротивно на правилниците ќе биде соодветно санкционирано.

Се вчитува...