Дејан Манасков со Веспрем го освои Купот на Унгарија што е прва титула за македонскиот репрезентативец со унгарскиот шампион. Триумфот во Дебрецин во Веспрем дојде како мала утеха по неочекуваната елиминација во Лигата на шампионите од данскиот Скјерн, но и мотивација за остварување на преостанатите цели.
„За нас беше многу важно да победиме на овој Ф4 турнир во Купот, ни требаше таа самодоверба по сето тоа што се случи претходно. Среќен сум со оваа титула, но се уште имаме титули што сакаме да ги освоиме и затоа мора да се бориме до крај на сезоната. Сега имаме две седмици да се подготвиме и се надевам дека ќе одиграме како во Дебрецин и ќе ја освоиме шампионската титула“ – истакнува Дејан Манасков во интервјуто за официјалниот клупски сајт на Веспрем.
Македонскиот репрезентативец пред почетокот на сезоната дојде во Веспрем од Рајн Некар Левен, а неодамна потпиша и нов договор за продолжување на соработката со унгарскиот тим и во наредните две сезони. Трофејот во Купот, за Манасков беше прва титула освоена со Веспрем, но очекува многу побогата колекција.
„Секогаш е убаво чувството кога освојуваш трофеи. Затоа и дојдов овде, да освојувам титули. Ова беше прва, но јас се надевам дека нема да биде и последна“ – вели Манасков.
До крајот на сезоната на Веспрем му преостануваат уште четири натпревари во домашниот шампионат во кои нема просотор за кикс на шампионот.
„Имаме уште четири натпревари и сакаме да ги добиеме сите. Посакуваме уште една двојна круна во Унгаријаи многу подобро издание следната сезона во Лигата на шампионите“ – најави македонскиот репрезентативец во тимот на Веспрем.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА